Зијадин Села бара решениe за училиштето во Неровo! – Министерството за образование бара образложение од општина Крушево

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратениците на Алијансата за Албанците предводени од Зијадин Села бараат од Собранието да се најде решение за објектот на Основното училиште во селото Нерово во Општина Крушево.

Жителите на селото, самоиницијативно започнале изградба на нов училишен објект бидејќи, како што велат, стариот не ги исполнува основните услови. Но, општината заклучила дека објектот е дивоградба и дека треба да се руши.

Села, кој што стана пратеник токму од изборната единица која го опфаќа Крушево, а и селото Нерово, го повика Министерството за образование да преземе мерки за да ги спречи активностите на општината за уривање на објектот, во кој во иднина би требало да учат 150 ученици.

„Го повикувам Министерството за образование, градоначалникот на општина Крушево итно да ги преземат сите мерки што е можно поскоро, да се регулира документацијата на ова училиште и да не ги запира работите на овој објект. Напротив, да продолжи со понатамошни инвестиции од државниот буџет за да се заврши ова училиште и овие ученици да имаат нормални услови за учење. Го посетив сегашното училиште, кое не исполнува никакви услови за развој на образовниот процес.“, вели Зијадин Села.

Контактиравме и со градоначалникот на Крушево, Томе Христовски, кој вети дека ќе ги испита сите можности за да не се руши објектот, туку да се стави во служба на учениците и наставниците.

Според Христовски, околу 90% од објектите во селата од оваа општина се без урбанистички план, вклучувајќи го и стариот училишен објект каде што учениците во моментов посетуваат настава.

Од Министерството за образование за ТВ21 изјавија дека Општина Крушево официјално не ги известила за ова прашање и сега ќе преземе иницијатива да искомуницира со општинските власти за овој објект.

„Министерството за образование и наука не е известено од Општина Крушево за предизвикот со образованието на учениците во село Нерово. Ќе иницираме комуникација и ќе бидете известени за резултатот.“, велат од МОН

Во меѓувреме, во знак на протест, во стариот училишен објект, учениците ја бојкотираат наставата две недели, откако општинскиот инспекторат ги запре градежните активности на новиот објект.