Зијадин Села ја напушта коалицијата НАИ – ќе останел во опозиција, во заштита на националната кауза

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијансата за Албанците, крилото на Зијадин Села, ја напушти коалицијата „Национална алијанса за интеграција“. Одлуката беше донесена на состанокот на Претседателството, каде што се дискутираше и за резултатите на локалните избори. Тие изразија задоволство од бројот на гласови и мандати на советниците, но незадоволство од резултатите за градоначалници. Според AА-Села, изборната трка била под влијание на државен инжинеринг и соработка на владејачките албански партии со македонските партии, со цел реализирање на платформата на ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, маргинализирање на Албанците. Иако се повлекуваат од НАИ, од Алијанса за Албанците на Села, велат дека ќе останат во опозиција во заштита на националната кауза на Албанците во Македонија.

-По суштински и многу важни дискусии, членовите на Претседателството едногласно донесоа одлука за автономно дејствување на Алијансата за Албанците, додека во наредните денови пратениците на АА ќе ја обработуваат во Собранието одлуката за дејствување како независна група. Алијансата за Албанците останува силен опозициски глас на Албанците, одржувајќи комуникација со субјектите на албанската опозиција, за што навреме ги известивме и нашите досегашни коалициски партнери-вели Села.

Од ДУИ ја поддржуваат одлуката и очекуваат соработката да продолжи и натаму како опозициски субјекти.

„Имавме и имаме одлична соработка и комуникација. Тие сакаат и одлучија да се посветат на себе, што го поздравуваме и поддржуваме, заеднички, сите опозициски субјекти, сите овие случувања во државата да се вратат во реалност, бидејќи сме сведоци дека на многу полиња, во многу насоки, за кои постојано зборувавме, има огромен регрес“, изјави Блерим Беџети.

Од друга страна, албанската коалиција во власта – ВЛЕН, го гледа ова повлекување на АА како влез во „фазата на неизбежен распад“ на НАИ и како индикатор дека коалицијата е во длабока внатрешна криза, без кохезија и без стабилна политичка понуда.

-Нивниот континуиран недостаток на координација веќе стана модел на неуспех, не само што не успеваат да обликуваат заедничка насока, туку секој ден докажуваат дека оваа коалиција функционирала само како засолниште за тесни лични интереси, а не како политички проект за Албанците-велат од ВЛЕН.

Инаку, во НАИ, предводена од ДУИ, останува другото крило на AА, предводено од Арбен Таравари. Во коалицијата е и Скандер Реџепи-Зејди – претседател на партијата „Народот“. Почетоците на оваа широка коалиција се на парламентарните избори во 2024 година, под името „Европски фронт“, но без АА на Таравари, која всушност се раздели поради несогласувања дали треба да се приклучи кон Фронтот или кон ВЛЕН. Тогаш во Фронтот беа ДПА на Мендух Тачи и Европска демократска партија на Арјан Хоџа, но и двата субјекти се повлекоа од коалицијата.