Јетон Шаќири од ДУИ ќе раководи со Министерството за земјоделство со кое претходно раководеше Арјанит Хоџа од Беса, велат партиски извори за ТВ21. Шаќири доаѓа од МИОА , а со ова Министерство со договорот потпишан вчера меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, ќе раководи Алтернатива. Дека Министерството за земјоделство и припадна на ДУИ, извести и првиот вицепремиер Артан Груби.
„Ние се откажавме од МИОА но го добивме министерството за земјоделство кое е многу големо и доста важно за нас, од причини што проектите што ги имаме предвидено во нашата изборна програма се однесуваат токму на Министерството за земјоделство но беа блокирани до денес, а од денеска натаму ќе можат да се спроведуваат под водство на кадар од ДУИ“, истакна Артан Груби.
На прашањето дали ДУИ смета дека Алтернатива заслужила да добие толку многу ресори повеќе од Беса која претходно беше дел од владината коалиција, Груби рече дека овие две партии имаат различни улоги.
„Имаат различни улоги бидејќи Алтернатива беше надворешен партнер на Владата а Беса беше дел од СДСМ“, додава Артан Груби.
ТВ21 побара став и од другите партии кои се дел од парламентарното мнозинство како ЛДП и ДОМ, но од таму не излегоа со став.
Заев потврди дека Алтернатива добива неколку позиции повеќе од Беса а тоа го оправдува со фактот што тие и се приклучиле на веќе формираната коалиција. Инаку Алтернатива освен МИОА и Здравство ќе добие уште неколку заменик министерски места и управи. Една од нив е МЕПСО.
