Зошто ЕДП се повлече од локалните избори!? Хоџа: Политичката идеја се девалвира, Ахмети веруваше на погрешни луѓе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Причината зошто Европската демократска партија не учествуваше на локалните избори и се дистанцираше од НАИ – во емисијата „Ајде да зборуваме“ ја објасни претседателот на оваа партија, Арјанит Хоџа. Како што изјави тој, причината е тоа што политичката идеја за предлагање на најдобрите кандидати за градоначалници била девалвирана.

Како пример ја наведе општината Арачиново, каде што, иако Ридван Ибрахими бил победник во анкетите, сепак било одлучено да се предложи друг кандидат, само поради, како што рече, „каприците“ на неколку лидери во рамките на НАИ.

Ќе ја земам како пример општината Арачиново. Во партијата имав кадар кој беше многу подостоен за да ја претставува општината. Но јас не ја побарав од г. Ахмети општината Арачиново — не од почит кон ДУИ, туку затоа што ми беше срам да го тргнам Ридван Ибрахими од таа функција, кога сите добро знаеме колку проекти и дела има реализирано во Арачиново. Кога одлучив да се приклучам на НАИ, сметав дека оние кои заслужуваат да останат на своите позиции не треба по секоја цена да се заменуваат само заради тесни партиски амбиции, за да ни се брои една општина повеќе како партија, вели Арјанит Хоџа од ЕДП.

Следната причина, според Хоџа, била и загубата на неколку општини поради нарушените односи меѓу Зијадин Села и Арбен Таравари, кои, како што рече, „не зборувале меѓусебно“, што негативно се одразило врз гласачкото тело.

-Кога велиш дека создаваш еден заеднички сојуз, тогаш во ушите на граѓанинот тоа значи дека создаваш големо помирување за една севкупна албанска идеја. А гледаме дека на сите конвенции двајца лидери од НАИ не сакаа ни рака да си подадат. И како после тоа да го убедиш гласачот во голем сојуз на таа идеја? Сметам дека концептот врз кој требаше да се гради целата оваа иницијатива се девалвира. Ајде да не навлегуваме во детали, но ова беа локални избори, вели Арјанит Хоџа од ЕДП.

На крај, Хоџа додаде дека најголемата одговорност за случувањата со општините паѓа врз Ахмети, затоа што, како што рече, „им верувал на погрешни луѓе.“