Од вкупно 13 осомничени во случајот „Мазут“, само четворица завршија зад решетки и покрај тоа што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција побара мерка притвор за петтмина. Екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски не е достапен за органите на прогонот, бидејќи е во бегство. Тој е опфатен и во друг случај, наречен „Адитив“. За Адитив во притвор е и екс комерцијалниот директор Ардијан Муча, кој заедно со другите е осомничен и за злоупотреба на јавните набавки на мазут за РЕК Неготино. Меѓу тие кои завршија во притвор е и Ратко Капошевски, сопственик на компанијата РКМ Енерџи, кој според обвинителството, е осомничена дека во периодот 2021-2023 година го оштетила државниот буџет за 167 милиони евра.
„Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, еден ден потоа дадоа образложение зошто го прифатиле предлогот на судија на претходна постапка зошто Асмир Јахоски не треба да заврши на 30 дневен притвор како другите, туку да оди на куќен притвор“, вели репортерот на ТВ21.
Сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски е осомничен само за перење пари во вредност од 72 милиони денари. Јахоски го избегна притворот со образложение дека е старател на неговите деца, поднесувајќи 3 причини за домашен притвор на својата адреса во село Пласница.
„Судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека истиот со одлука на Основен граѓански суд Скопје е старател на неговите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација“, велат од ОЈО-ГОКК.
Според судската пракса, адвокатите велат дека промената на ефективниот притвор во куќен притвор треба да се изврши поради силни здравствени причини и кога ќе се даде финансиска гаранција дека осомничениот нема да избега, нема да се меша во истрагата и нема да го повтори делото. Адвокатот, Насер Рауфи, вели дека во овој случај Кривичниот суд му го зема пасошот на осомничениот, кој не се смее да се оддалечи од неговата адресата на живеење.
„Треба да се исполнат предусловите за куќен притвор, вообичаено, домашен притвор се доделува на малолетници, трудници, но и на лица кои имаат дијагноза за болест или инвалидитет. Куќен притвор може да се додели кога самиот суд ќе утврди дека не постои веројатност осомничениот да избега бидејќи сè уште не е обвинет и кога ќе обезбеди финансиски гаранција за да се јави на суд“, вели Насер Рауфи.
Обвинителството се уште не ја обжали оваа судска одлука. Обвинителството во соработка со полицијата, судот презема дејствија за обезбедување докази за сопственост на движен и недвижен имот на осомничените како гаранција за евентуално натамошно одземање. Во меѓувреме, на останатите 7 осомничени им е изречена мерка за претпазливост.