Вакво Скопје не сме виделе – главниот град се разбуди во тишина, улиците, парковите, пазарите празни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скопје се разбуди во тишина.

Во центарот на градот немаше бучава и ниту гласна музика од кафулињата, која обично ја има за време на викендите на улица „Македонија“.

На Бит Пазар се е затворено и пусто. Немаше ниту еден продавач или граѓанин. И улиците на Стара скопска чаршија беа празни.

„Ова е најфреквентниот скопски булевар во Скопје, а денеска можат да се движат само лицата кои имаат посебна дозвола за движење од МВР“, вели репортерот на ТВ21.

Иста е атмосферата и во другите градови.

Од вчера од 16 часот, до понеделник до 5 часот наутро ќе трае полицискиот час во целата територија на Македонија. Тоа значи дека граѓаните не смеат да излегуваат од своите домови, 61 час, освен оние кои имаат дозвола.

Освен здравствените работници, полицијата, пожарникаарите, со посебни дозволи за време на полицискиот час можат да се движат медиумските работници, земјоделците, но и вработените во маркети и аптеки, кои преку достава ги снабдуваат граѓаните со потребните намирници и лекови.

Граѓаните кои нема да го почитуваат полицискиот час според член 206 од кривичниот законик ќе бидат парично казнети или ќе добијат затворска казна од 1 година.

Во текот на изминатите 24 часа, 79 лица ја прекршиле забраната за движење,информираат од МВР.

„Во текот на изминатото деноноќие според статистиката на МВР за периодот (10/11.04.), по однос на забраната за движење евидентирано е дека на ниво на целата држава 79 лица не ја почитувале забраната за движење, при што приведени се 42 лица, а за останатите се земени податоци и ќе следуваат соодветни мерки“, истакнуваат од МВР.

Од МВР велат дека на 97 лица им се издадени решенија за изолација, а 423 лица потпишале изјави за самоизолација. Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација и не се евидентирани лица кои не ја почитувале мерката, информираат од МВР.