Ана Стојаноска подготвена да блесне на Јуниорскиот евросонг – од вечерва започнува гласањето за македонската претставничка!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонската претставничка Ана Стојаноска е подготвена за настап на 24-тото издание на Јуниорскиот евросонг, кој се одржува во Малта. По една недела интензивни подготовки и проби, младата пејачка ќе ја претстави Македонија со песната „Идната јас“.

Од вечерва, петок, во 23:59 часот, започнува онлајн гласањето, кое ќе трае до сабота во 20:59 часот. Македонските граѓани ќе имаат можност бесплатно да ја поддржат својата претставничка преку официјалната евровизиска платформа vote.eurovision.com.

За конечниот пласман ќе одлучуваат гласовите на публиката и оценките на стручните жирија од 16 земји учеснички. Според правилата на натпреварот, жирито носи 50 проценти од вкупниот резултат, додека преостанатата половина ја одредуваат гледачите преку онлајн гласањето.

Ана ќе се натпреварува со млади музички таленти од цела Европа, а нејзината изведба на „Идната јас“ ќе биде можност македонската музика повторно да се претстави на меѓународната сцена.

Финалната вечер на Јуниорскиот евросонг ќе се емитува во живо во сабота, со почеток во 21 часот.