Махмуд Мохамед со неговите малолетни деца уште една ноќ помина на отворено и студ во Едрене.
„Многу е тешко, но има надеж, Господ. Има големи проблеми, но повеќето се предизвикани од луѓе кои не доаѓаат од Сирија“, истакна Махмуд Мохамед, мигрант од Сирија.
Димни бомби и солзавец утрово на грчко-турската граница, откако се појавија тензии меѓу грчката полиција и мигрантите кои бараат пристап до Европската унија. Облаци од чад се издигнуваа од заградената гранична област, предизвикувајќи ги мигрантите да се оддалечат од граничната линија.
Мигрант од Сирија кој реши да не го открие името вели дека дел од мигрантите започнале со камења да ја напаѓаат полицијата, по што следувал отпор од полицијата.
„Таму има мигранти кои протестираат на граничната линија, сите се собрани на границата и фрлаат камења кон Грците, а Грците реагираат со огнено оружје, во живо пукање не со гумени куршуми. Еден човек беше повреден со нас минатата ноќ. Тие пукаат солзавец кон нив и лут спреј“, додава мигрант.
Снимките од Пазаркуле покажуваат дека најмалку две лица се повредени.
„Ние сакаме решение, сакаме да одиме во Европа, не сакаме да останеме тука во Турција. Турција беше добра кон нас, сè тука е добро, војниците, владата, сè, но Грците не се добри кон нас, тие пукаат солзавец, нè напаѓаат, тие нема да дозволат да влеземе во Европа. Ние сакаме да одиме во Европа затоа што сакаме подобра иднина за нас и за нашите семејства и најблиски“, вели Хаким Сакаве.
Проектилите доаѓале од турска територија и биле пукани кон преминот Кастани. Во меѓувреме, стотоци луѓе можеа да се видат на турската страна како ја туркаат оградата која се уште се поставува.
На територија на Македонија засега е мирно. Министерот, Наке Чулев вели дека се подготвени да ја затворат целосно јужната граница со цел спречување на нов мигрантски бран.
„Во моментот има 131 полицаец од осум држави и имаме материјално технички средства. Ќе дадеме максимум за да ја затвориме нашата границата и да спречиме нов мигрантски бран кон територијата на нашата држава и со тоа и кон територијата на ЕУ“, посочи Наќе Чулев
Техничкиот премиер вели дека состојбата се следи, прогласена е кризна состојба и зголемени се силите и на Армијата и на полицијата на јужната граница.
„Сега засега е стабилно немаме никакво зголемување на мигранти коишто би можеле да се обидат да влезат на територијата на Република Северна Македонија, меѓутоа, ставот е дека ќе имаме нулта толеранција“, порача Оливер Спасовски.
Илјадници мигранти се обидеа да влезат во Грција, земја членка на ЕУ, откако Турција на 28-ми февруари одлучи дека веќе нема да ги задржи на своја територија, како што беше договорено во 2016 година во замена со милијарда евра помош од ЕУ.
Турција, која е домаќин на скоро 4 милиони сириски воени бегалци, вели дека ЕУ не успеала да ги исполни своите претходни ветувања. Исто така, сака поголема европска поддршка во Сирија, каде нејзините трупи се спротивставуваат на сириските владини сили, поддржани од Русија.
