Поддржувачите на Студентската листа слават по изборите во Србија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скандирања, песни и извици за победа ја одбележуваат вечерва атмосферата во изборниот штаб на студентската листа во Србија, каде што поддржувачите го слават изборниот резултат по изјавата на Александар Вучиќ дека неговата политичка опција ги загубила изборите.

„Победа, победа“, „Пумпај, пумпај“ и „Вучиќ заминува“ се дел од пораките што ги скандираат присутните во централниот студентски изборен штаб, каде што се собрани и бројни новинарски екипи. Во позадина се слуша и песната „Ајде, граде, сви уз наше младе“.

Прославата започна откако Вучиќ јавно го призна изборниот пораз и соопшти дека студентската листа, според неговите процени, освоила меѓу 135 и 140 пратенички мандати, додека листата што ја предводи тој би имала околу 105 мандати.

„Победи студентската листа. Изгубивме“, изјави Вучиќ, најавувајќи дека неговата политичка опција ќе продолжи да дејствува како опозиција.

Според бројките што ги презентираше, студентската листа освоила околу 2,2 милиони гласови, наспроти приближно 1,72 милиони гласови за неговата листа.

И покрај славењето во студентскиот штаб, податоците за освоените гласови и мандати сè уште треба да бидат потврдени од Републичката изборна комисија (РИК), која ги објавува официјалните изборни резултати.