Поранешни вработени во печатницата „Напредок“ се појавија во тетовскиот суд, каде што се одржа судско рочиште за исплата на 10 неисплатени плати. Велат дека веќе година и пол талкаат по судовите, без да ги добијат своите плати, додека останале и без работа, иако имаат над 35 години работно искуство.
„Не ни е гајле кој е виновен, си ги бараме платите. Ни должат 10 плати. Во овој момент, ова е тешко. Сопругот и јас сме во иста фирма, сега сме оставени на улица, на никого не му е гајле, сите ги креваат рамената. Судот ги крева рамената! Што да правам!? Ако одам и крадам, полицијата ќе дојде и ќе ме уапси. Дали треба да ги плаќам сметките, дали треба да јадам и да живеам, да ги хранам моите деца и внуци? Зошто не го заслужуваме тоа? Имам 28 години работно искуство“, вели поранешна вработена во Напредок.

„Како може 10 милиони, 15 милиони да ја продадат печатницата, а да не ни ги дадат платите. Ние не сакаме ништо, сакаме нашите плати да ни ги дадат. Ние не бараме ништо, тие треба да ни ги дадат нашите плати и работата е завршена. На суд сме година и пол, нема рочиште, не знам што ќе се случи. Имаме сметки, имаме кредити, имаме струја, имаме ѓубре, вода, имаме деца, внуци. Не прашуваат од каде ќе земеме пари сега“, вели поранешен вработен.
И ова рочиште беше одложено, а тука беше и сопственикот на печатницата. Го прашавме кога ќе ги исплатат платите.
Новинар: Кога ќе ги земат платите вработените?
Павле Петров: Не знам, прашајте го директорот.

Вработените во печатницата „Напредок“ се вработени повеќе од 40 години, и ова е една од најстарите печатници во тетовскиот регион. Оваа печатница беше во државна сопственост, а потоа преку процесот на приватизација беше приватизирана и работеше до крајот на 2023 година.
