Внесувањето на етничка припадност во личните карти го подрива граѓанскиот идентитет на сметка на етничкиот, велат од Хелсиншкиот комитет додавајќи дека на ваков чекор не се одлучила ниту една земја члена на Европската унија.
„Споредувајќи ги податоците во личните карти на граѓаните-државјани на 134 држави во светот, компаративните искуства укажуваат на негативните импликации на внесувањето етничка или религиска припадност во личните карти. Поради ова, повеќе држави во годините наназад или целосно го напуштија овој пристап, или го направија опционално внесувањето на етничката припадност во личните карти“, истакна Хелсиншки комитет.
Во правната анализа се посочува дека македонското општество на располагање има низа начини за подобрување на состојбите кои треба да започнат од образованието, економијата и социјалната политика, а без притоа да се задира во уставната темелна вредност на слободното изразување на националната, односно етничка припадност.
Евроамбасадорот Гир сметка дека релевантната легислатива за тоа спаѓа во делот на Општата регулатива за заштита на податоците.
„Во моментот во ЕУ, прашањето за личните карти е на ниво на националните законодавства на земјите членки, и тоа ќе продолжи да биде така, но во август 2021 година ќе стапи во сила Општата регулатива за заштита на податоците, што ќе биде на ниво на ЕУ“, посочи Дејвид Гир.
Премиерот Зоран Заев, вели дека јавно ги соопштиле своите ставови и стојат на нив.
„Кај нас е апсолутно дадено право на национално ниво како ќе го регулираме. Затоа и ги кажуваме своите ставови по однос на ова прашање. Мене ми е драго што и најголемата опозициска партија и другите политички партии се на линија на правото на определба, да граѓаните се изјаснат доколку сакаат на својата лична карта да имаат и етничка припадност“, порача Зоран Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека Заев постојано ретерира, додавајќи дека во личните карти нема да имаме идентитет бидејќи Заев го избришал.
„Нема работа за која што Зоран Заев не ретерираше, најпрвин велеше прифаќам да стои Македонци, Албанци, Турци, Роми во личните карти за да потоа рече дека тоа било неевропски па сега ретерира“, додава Христијан Мицкоски.
Во меѓувреме, вчера Левица соопшти дека поднела барање за одржување јавна расправа и спроведување јавна дискусија за, како што велат од партијата, сензитивниот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за личната карта.
Непроменети остануваат ставовите и на останатите субјекти во државата. Претседателот на државата Стево Пендаровски не се согласува да стои етничката припадност, додека албанскиот политички блок дава зелено светло за ваквата промена.
