Осудена за убиство, жена во Тенеси во критична состојба по неуспешно извршување на смртната казна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Криста Пајк, осудена за убиството на 19-годишната Колин Слемер во 1996 година, се наоѓа во критична состојба откако преживеала два обиди за извршување на смртната казна со смртоносна инјекција во американската сојузна држава Тенеси.

Нејзиниот адвокат Ренди Спиви потврдил дека Пајк е хоспитализирана и дека лекарите се борат за нејзиниот живот. Засега не е познато како преживеала по двата обиди за аплицирање на смртоносната доза пентобарбитал.

Адвокатот го повика гувернерот на Тенеси, Бил Ли, да ја преиначи смртната казна. Ли претходно ја одбил нејзината молба за помилување.

Случајот предизвика реакции и од Обединетите нации. Високиот комесар на ОН за човекови права, Волкер Турк, ги повика властите во Тенеси да се откажат од нов обид за егзекуција, оценувајќи дека случајот отвора сериозни прашања во врска со смртната казна.

Сведоци на извршувањето изјавиле дека Пајк на почетокот била будна, а подоцна почнала гласно да дише и да ‘рчи. По неуспешниот обид, таа била пренесена во надворешна медицинска установа.

Од Управата за извршување санкции во Тенеси соопштиле дека биле следени сите чекори предвидени со законскиот протокол. Гувернерот Ли најавил независна истрага, а преостанатите планирани егзекуции во државата годинава се одложени.

Пајк имала 18 години кога, заедно со својот тогашен партнер, ја претепала и убила 19-годишната Колин Слемер. Таа повеќе од две децении била во затвор во самица.