12 други лица се тестираат дали се заразени со коронавирус. Двајца од нив се вратиле пред 5 дена од Италија е покажале симптоми слични на коронавирус. Двајца имале симптоми на грип, а осум други се од Дебар, соседи на сопружниците кои се веќе заразени. На Инфективната клиника во моментов има 6 пациенти со коронавирус. Првата пациентка кај која беше дијагностициран Ковид-19 пред две недели веќе е излекувана и за неколку дена се очекува да биде пуштена на домашно лекување.
Што се однесува до дополнителните мерки кои ги донесе владата, за секое кршење на мерките ќе следуваат санкции. Мерката еден од родителите на деца до 10 години да се ослободи од работи во период од две недели, ќе важи и за родителите со деца со посебни потреби. Тоа ќе биде така бидејќи освен училиштата и градинките нема да функционираат ниту дневните центри за децата со дневни потреби. За да бидат ослободени од работа родителите треба да донесат потврда од градинката, училиштето или дневниот центар, рече министерот за здравство Венко Филипче. Оваа мерка не важи за вработените во здравство, полиција, војска и пожарникарите.
Министерот за здравство рече дека нема да се откажат термините за лекарски прегледи. Тој апелираше лекарите да не патуваат надвор од земјата поради брзото ширење на коронавирусот во многу држави каде може да останат во изолација. Состојбата на пациентите во карантин е стабилна. По еден час се очекува да излезат резултатите на 12 други лица.
