Со значителен помал број полициско обезбедување и без било какви тензии помина одбележувањето на 120-годишнината од загинувањето на македонскиот великан Гоце Делчев, што не беше и случај кога на 4 февруари се чествуваше неговото раѓање. Државни и партиски делегации, здруженија, историчари и граѓани пред вечното почивалиште на Делчев во црквата Свети Спас му оддадоа почит и положија венци и свежи цвеќиња, а панихида одржаа и свештеници од Македонската православна црква предводени од архиепископот Господин Господин Стефан, кој зборуваше за делото на Делчев.
„Еве и по 120 години од херојското загинување на Гоце, жив е споменот за него, зашто жива е и живее неговата душа заедно со неговите идеали. Тој во тоа мајско утро во 1903-та година кај Баница опколен од многуброен аскер падна само со телото а неговата љубов за Македонија и за својот народ опстојуваат преку спомените за негo“, рече Г.Г. Стефан.
Пред гробот на Делчев се поклони претседателот на државата Стево Пендаровски, владината делегација ја предводеше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а собраниската потпретседателот на парламентот Горан Мисовски. Пендаровски преку статус порача дека македонскиот револуционер Делчев е една од нашите најзначајни историски личности.
„Почит за македонскиот револуционер Гоце Делчев. Визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Една од нашите најзначајни историски личности“, изјави Пендаровски.
Премиерот Ковачевски кој е во работна посета на САД порача дека денешниот датум останува врежан во историјата.
„Идеалите на Делчев кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен натпревар меѓу народите се патоказ за низата генерации на македонски револуционери кои се вградени во македонската државност.“, вели Ковачевски.
На гробот на Делчев цвеќе положи и неговиот внук Христо Христов кој живее во Бугарија. За тоа дали со последните случувања меѓу Македонија и Бугарија се зачува девизата за културен натпревар меѓу народите тој вели.
„Не. Тоа што го гледам е токму спротивното од тоа што е кажано. Мојата желба лична и не само мојата беше да направиме еден мирен високо културен проект кој да вклучува музичари од двете држави да направата голем оркестар и да ги исполнет двете држави химни и на едната и на другата држава.“, изјави Христо Христов.
На денешното одбележување на 120 годишнината од загинувањето на Делчев немаше најава за присуство на државна делегација од Бугарија, како што тоа беше случај на 4 февруари за одбележувањето на раѓањето, кога имаше тензична атмосфера. Минатата недела техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков извести дека нема да има заедничко одбележување.
