Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска официјално го прими Извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2026 година, кој му го врачи евроамбасадорот Михалис Рокас.
По средбата, Гаши преку објава на Фејсбук порача дека документот претставува реален приказ на досегашните постигнувања, но и на предизвиците што претстојат во процесот на европската интеграција.
Според него, извештајот треба да послужи како насока за идните активности и за спроведувањето на реформите неопходни за приближување на државата кон Европската Унија.
Гаши изрази задоволство што Европската комисија препознала подобрувања во работата на законодавниот дом, особено во однос на усвојувањето на Етичкиот кодекс, Стратешкиот план за периодот 2027–2031 година, зајакнувањето на парламентарниот надзор и постигнатиот меѓупартиски договор за значајни институционални именувања.
Истовремено, тој призна дека остануваат забелешките поврзани со недостигот од политички консензус за одредени прашања и зачестената употреба на скратени законодавни постапки.
„Со целосна сериозност ги прифаќаме и критичките оценки во однос на отсуството на политички консензус за одредени прашања и зголемената употреба на скратените постапки“, истакна Гаши.
Тој најави дека ќе продолжи да се залага за поефикасно Собрание, во кое политичкиот дијалог, меѓупартиската соработка и европските реформи ќе имаат централно место.
Претседателот на Собранието нагласи дека полноправното членство во Европската Унија останува стратешка определба на државата, а оценките од Брисел треба да бидат дополнителен поттик за забрзување на реформските процеси.
Гаши порача дека институциите треба да ја искористат содржината на извештајот за да покажат конкретна посветеност на европските вредности и стандарди.
