Околу 170 илјади евра за Универзитетот на Југоисточна Европа. Речиси 73 илјади евра за Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, и над 48 илјади евра за Факултетот за исламски науки. Овие пари од буџетот ќе заминат кај трите приватно-јавни институции. Владата ја донела одлуката на 8-ми април. Но, она што најмногу зачудува е тоа што одлуката на извршната власт, дојде само два дена по изјавата на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, кој од Владата побара дел од помошта која пристигнала од надвор, бидејќи во спротивно, како што порача, ИВЗ ќе ги повлече мерките за заштита од коронавирусот.
-Бидејќи не дај Боже ние да се откажеме и да ги суспендираме нашите одлуки, тогаш нема да има сила која ќе се избори со оваа епидемија и ви гарантирам тогаш тука ќе стане Бангладеш.“, рече Реџепи.
Министерот за образование, Арбр Адеми вели дека изјавата на поглаварот на ИВЗ нема никаква врска со средствата кои Владата им ги доделува на трите установи, вклучувајќи го и Факултетот за исламски науки кој е под капа на ИВЗ.
-Ова е финансиска поддршка која континуирано, секоја година им се дава на институциите за високо образование кои имаат статус на приватно-јавни установи. Од 2014-тата па натаму, добиваат постојана поддршка на рати. Секои три месеци им се пушта одредена рата, предвидена во годишниот буџет-рече Адеми.
Но, зошто Владата овојпат не одлучи да го укине финансирањето на овие три јавно-приватни институции, со цел штедење на државната каса во време на криза?
-Сите институции за високо образование во земјата имаат обврска да продолжат со настава од дистанца, што значи дека дејноста се реализира.
Изјавата од пред два дена на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи предизвика реакции како во јавноста, така и меѓу функционерите на политичките партии-вели Адеми.
Пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири, на Фејсбук напиша „овој РЕЗИЛ место да помогне, бара државата него да го помогне“. Потоа, вицепремиерот Бујар Османи за ТВ21 изјави дека разговарал со реисот и дека во ниту еден момент Реџепи не се заканувал, туку „само ја искажа потребата за покривање на минимални плати за имамите“. Од Обвинителството информираа дека ги следат и дека ќе продолжат да ги следат изјавите на поглаварот на ИВЗ, и дека ќе постапат согласно она што ќе го констатираат.
