Одбележувањето на 123 – годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев се случува во време кога земјава се уште има нерешени прашања со Бугарија, во кои меѓу другото е токму и тоа чиј е Делчев. Бројни делегации и годинава на гробот на Делчев во црквата Свети Спас каде се одржа панихида, положија венци и свежи цвеќиња. Премиерот Мицкоски не очекува промена во односите меѓу Македонија и Бугарија и како што истакна уште повеќе ќе се заострува.
-Не очекувам воопшто да се промени атмосферата, напротив очекувам истата таа атмосфера да се вжешти затоа што се уште имаме структури и политички, но и општествени кај нас дома, кои што се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика. Се додека има такви политички структури и општествени сили јас не очекувам промена на односот на нашиот источен сосед, изјави премиерот Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче пак рече дека ВМРО-ДПМНЕ го злоупотребува ликот и делото на Делчев и доколку тој би бил жив би се срамел од ова ВМРО. Тој рече дека Бугарија не го негира нашиот идентитет, а дека премиерот Мицкоски не ги спроведува уставните измени затоа што не сака земјава да стане членка на Европската унија.
-Ние имаме една работа и се знае кој е патот напред и што треба да се направи со цел вистински да се започнат реформите и со цел вистински практично да продолжи патот на евроинтеграции, а тоа се уставните измени. И со уставните измени со кој што ќе се стават во Уставот Бугарите, Хрватите и така натаму, буквално ништо не е загрозено. Лага е на ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски тоа што го кажува. Зошто? Поради тоа што не сака земјава да оди напред во Европа, не сака вистински реформи, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
По изборите во Бугарија, на кои победи поранешниот претседател Румен Радев се очекува тој да ја состави владата, а дури потоа се очекуваат евентуални средби и разговори за отворените прашања што ги имаат Македонија и Бугарија.
