Во Собранието на Македонија се одржува 25. состанок на Заедничкиот парламентарен комитет меѓу Северна Македонија и Европската Унија, на кој претставници на Европскиот парламент и пратеници разговараат за процесот на европска интеграција и чекорите што земјата треба да ги преземе во рамки на реформската агенда.
На состанокот учествуваат седум европратеници, а европската делегација ја предводи бугарскиот европратеник Ивајло Валчев, во отсуство на претседателот на делегацијата, Карло Реслер.
Дел од делегацијата е и Томас Вајц, известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија.
Во фокусот на дискусиите се транспарентноста во работата на Собранието, соработката со граѓанскиот сектор и можностите за поголемо вклучување на граѓаните во работата на парламентот.
Европратениците се интересирале и за оценките на граѓанското општество во однос на транспарентноста и отвореноста на Собранието кон граѓаните.
На средбата со претседателот на Собранието, Африм Гаши, се разговарало и за реформската агенда, јавната администрација, судскиот систем, како и за регионалното и транспортното поврзување.
