13 милиони денари за уривање на дивоградба – кривични пријави за секој кој ќе гради без одобрение

НАЈНОВИ ВЕСТИ


13 милиони денари за уривање диво изграден објект во општина Центар. Градоначалникот на општината, Саша Богдановиќ се пофали дека неговата општина предводи во отстранување диво изградени објекти. Рекордната  сума , како што најави  ќе се даде за уривање на објект, кој градоначалникот засега не го открива . Многу битна за градоначалникот на општина Центар  е правната завршница  на проектите кои ќе се рушат.

„Да не излезе дека само го рушите објектот па после се натегате дали ќе платат или нема да платат. Мора некој да понесе  одговорност зошто воопшто му текнало да почне нешто да гради без одобрение“, посочи Саша Богдановиќ.

Решавањето на дивите градби мора да биде системски,  потенцира Богдановиќ. Вели дека изминатите години на проблемот се работело сериозно. Дека тоа било така тој ги посочи и кривичните пријави  кои биле досега поднесени .

„Ние ќе продолжиме и натаму со поднесување на кривични пријави и доколку обвинителството преземе одредени чекори верувајте многу луѓе ќе завршат таму кај што треба да завршат“, додава Богдановиќ.

За отстранување   на споменикот на Мајка Тереза, Богдановиќ посочи дека треба да се преземат низа активности со цел да се реши и овој проблем. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов  беше прозван да одговори како градот ќе се справи со аерозагадувањето  наспроти  грејната сезона која следи и проблемот  кој се провлекува години наназад.

„Перманентна, 24 часовна, 365 дена во годината е борбата со загадувањето. Нам не ни треба да знаеме дека ни престои грејната сезона за да преземаме соодветни мерки. Тие се перманентни и не можете  да  процените или оцените дали нешто може да се направи, што не било направено, бидејќи тоа цело време се прави“, истакна Петре Шилегов.

Шилегов  се пофали дека во последните две години е постигнат  резултат  во борбата со загадени денови . Инаку двајцата градоначалници ја  најавија реконструкцијата на Сквер Јадран  кој е со површина од 1836 метри квадратни. За негова реконструкција  општина Центар ќе учествува со околу 5 милиони денари. Еврејската заедница ќе учествува со донација од 12 јапонски цреши. Скверот, за кој градоначалниците оценија дека во времето на претходните влади бил оставен како еден вид на сивило и црнило, со донација од GO GREEN  и  швајцарската агенција ќе добие и три Смарт клупи кои ќе бидат први од таков тип  на територија на општина  Центар. Целата инвестиција треба да заврши за 45 дена.