15 дневен „ултиматум“ до Владата – да се реши проблемот со обезбедувањето или ќе излеземе на протест

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иницијативата “Учебници и настава мора да има“, на МОН му даде 15 дневен ултиматум да го реши прашањето со дојавите за бомби во училиштата, во спротивно се заканија дека ќе излезат на протест. Од оваа иницијатива целосно се против идејата на МОН за тоа кога ќе има дојави за бомби, наставата да се одвива онлајн.

„Затоа оваа власт време е да преземе одговорност, да ги седне на маса МОН,МВР и меѓународни сајбер експерти и да го реши овој проблем. Во спротивно ќе излеземе на протести и ќе ги искажеме и сите останати незадоволства“.

Во писмото што го испратија до МОН се жалат дека најголемиот товар од хаосот што се создава со бомбите, паѓа на родителите и другите роднини.

„Овој процес со дојавите на бомби не трае еден месец, туку пет месеци. Го пореметија нашето секојдневие. Премногу стресно и тешко им влијае на децата  и на поширокото семејство. Кој ќе ги оправда нашите излегувања од работа?  За изгубената настава на учениците? Кој ќе одговара за овие запоставени генерации?“

Беше побарано МВР да ги обезбедува училиштата 24 часа, но според министерот Оливер Спасовски дури и да се обезбедуваат училиштата 24 часа, доколку има најави за бомби, повторно ќе треба да се спроведе целата процедура за евакуација и проверка на училиштата. Спасовски вели дека насоките за третирање на дојавите за бомби се сменети бидејќи првичните се веќе застарени.

Премиерот Димитар Ковачевски увери дека МВР и МОН работат во правец на решавање на проблемот.

Само вчера во 30 училишта имаше дојави за бомби, за што министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека создадената состојба станува невозможна, но додаде дека со новите препораки полесно се менаџира состојбата со дојавите.