Премиерот Христијан Мицкоски вечерва присуствуваше на свечениот настан по повод 80-годишнината од централното банкарство во Македонија, јубилеј кој го одбележува развојот на монетарните институции и улогата на централната банка во одржувањето на финансиската стабилност.
Во објава на социјалните мрежи, Мицкоски посочи дека од историските почетоци во 1946 година до денешната Народна банка, осумте децении претставуваат сведоштво за институционалниот развој и градењето на монетарниот суверенитет на државата.
Тој нагласи дека силните, независни и професионални институции се основа за стабилна и просперитетна држава.
Според Мицкоски, стабилниот финансиски систем, довербата во националната валута и одговорното водење на монетарната политика се од суштинско значење за економската сигурност на граѓаните и развојот на македонската економија.
„Наша заедничка обврска е да го почитуваме институционалното наследство, но и посветено да работиме на создавање силна, економски стабилна и европски перспективна Македонија“, порача премиерот.
