15 откази во МВР поради дозволи за оружје – Спасовски вели Тошковски „удрил“ по професионалците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Донесени се 15 решенија за отказ на високо-позиционирани лица во МВР, поради нерегуларности при издавање на дозволи за поседување оружје. Министерот Тошковски рече дека лично до него и кабинетот стигнале претставки од граѓани за начинот на кој во МВР биле спроведувани постапките за издавање на дозволи за поседување на оружје. По извршена темелна истрага, како што вели Тошковски, од страна на Комисија која спровела ревизија за претставките, било констатирано по над 5.000 предмети не било постапувано во минатото, а притоа, голем број предмети кадешто апликантите не исполнувале услови им била давана дозвола за оружје.

„Се постапувало исклучиво само за предмети каде што, надвор од закон, интерес имал конкретен полициски функционер да даде наредба или да не даде наредба, да се постапи или да не се постапи селективно, а не хронолошки како што требало да постапуваат. Тоа е првиот проблем, вториот проблем е затоа што за конкретни лица кои што не исполнувале законски услови се издавани дозволи за оружје“, вели Панче Тошковски.

По предлог на Оделот за внатрешна контрола, сповредена е дисциплинска постапка, а за оние за кои што било констатирано дека вршеле злоупотреба на положбата, донесено е решение за отказ.

Но, за поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски ова е само притисок врз професионални во МВР кои совесно си ја вршеле својата работа. Воедно вели дека ова е обид да се задскрие настанот којшто беше со бомбата во Керамидница. Според спасовски, истиот ден да се објави друга вест за да се одвлече вниманието на јавноста.

„Апсолутно е недозволено да овие луѓе бидат понижени, иако досега не биле ниту казнувани ниту дисциплински гонети, сите се со Сертификати, некои од нив имаат и НАТО сертификати и сосема совесно, чесно и одговорно ја вршеле својата работа.  Недопустливо е на ваков начин да се врши таков притисок и сеење на страв кај сите вработени во МВР преку ваквите случаи“, вели Оливер Спасовски.

Инаку, за да се спречат во иднина евентуални нерегуларности при издавањето на дозволите за оруже, МВР во соработка со Министерството за дигитална трансформација презентираа новата дигитална услуга или можност за поднесување на онлајн барање за издавање на одобрение за набавка на оружје на физичко лице. Таа  ќе биде достапна преку сајтот на МВР и на националниот портал uslugi.gov.mk. Министерот Тошковски вели дека лицата кои аплицирале за дозвола ќе мора да го сторат тоа повторно.