Најмалку 18 лица, претежно тинејџери, загинаа денес кога два пикапа што превезуваа земјоделски работници се судрија во северен Египет, објави АФП. „Повеќето од загинатите беа тинејџери на возраст од 13 или 14 години“, изјави извор кој побара да не биде именуван.
Најмладата жртва имала 10 години, објави локалниот весник Ал-Масри Ал-Јум. Египетското Министерство за здравство првично соопшти дека загинале 47 лица, а околу 30 се повредени. Несреќата се случила на пат во областа Исмаилија покрај Суецкиот канал во североисточен Египет.
Пикапите се вообичаено средство за транспорт во Египет за милиони неформални работници, вклучувајќи и малолетници, иако таквиот транспорт носи големи ризици. Возилата често се преоптоварени. Патниците, главно од две села во делтата на Нил, „биле на пат кон фармата каде што работат“, според безбедносен извор.
Детскиот труд останува голем проблем во Египет, каде што се наведува дека работат најмалку 1,3 милиони малолетници, според официјалните бројки. Децата се исто така често жртви на сообраќајни несреќи. Според Меѓународната организација на трудот (МОТ), неформалната економија сочинува 67 проценти од вработеноста во Египет и речиси целиот земјоделски сектор.
Се проценува дека во Египет има помеѓу осум и 13 милиони неформални работници, кои работат во несигурни услови, главно во земјоделството, градежништвото и индустријата.
