„Секако дека денеска ќе почнат градежните работи за овој споменик. На 28 ноември, овој споменик ќе биде завршен“.
Вака изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во Слупчане на 20 годишнината на војната од 2001 година. 28 ноември помина, но споменикот се уште не е завршен. Еден од членовите на семејството Зибери, вели дека споменикот има голема важност не само за неговото семејство, туку за сите Албанци, затоа се надева дека наскоро ќе биде завршен.
„Повеќе од 20 години откако заврши војната и споменикот како симбол на војната и на гробиштата на паднатите борци, одамна требаше да заврши. За жал поради непознати околности за мене, не можам да спекулирам зошто толку доцни изградбата на споменикот. За нашто семејство но и за сите војници на ОНА има големо значење. Многу пати е побарано одговорност за тоа, но мислам дека сега прашањето ќе биде затворено“, порача Локман Зибери.
Моментално се работи, но жителите на Слупчане велат дека изградбата требаше да заврши порано бидејќи тоа е ветено пред 19 години.
„Во текот на патот излегуваат и пречки, негрижа, опортунизам, има се по нашите краишта, овој комплекс заедно со споменикот е направен со многу тешкотии. Имаше многу проблеми бидејќи Македонија нема Закон за ОНА и поради недостигот на Закон за ОНА, немаше правна потпора гробиштата на ОНА да имаат меморијален комплекс. Ние имаме многу проблеми за да го направиме но потребни се и инвестиции кои ќе ги направат овие работи порегуларни и подобри“, истакна Сеад Рамадани.
Од општина Липково за ТВ21 истакнаа дека работните активности почнаа годинава, но не кажаа точно кога ќе завршат. Објаснуваат дека за да дојде до почеток на изградбата потребно било многу време за подготовка на техничката документација побарана од државните институции, а велат дека наскоро овој проект ќе стане реалност. Една од причинете за бавното одвивање на работите, според нив, е и предизвиканата криза од Ковид-19.
