На 12. хуманитарен пикник на „Алкалоид“ биле собрани околу 2,2 милиони денари, наменети за набавка на современа медицинска опрема за Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
Донацијата ќе биде искористена за набавка на современ бронхоскопски столб со фибробронхоскоп – опрема која овозможува директен и прецизен преглед на дишните патишта кај децата.
Апаратот ќе се користи за навремена дијагностика и третман на белодробни заболувања, но и во итни случаи кога кај децата ќе дојде до вдишување на туѓо тело во дишните патишта.
Од почетокот на иницијативата во 2011 година до денес, преку хуманитарните пикници на „Алкалоид“ се собрани вкупно околу 14 милиони денари. Средствата биле наменети за здравствени установи, хуманитарни организации и различни категории граѓани.
За значењето на оваа традиција и за луѓето кои со години ја одржуваат зборуваше и генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
„Зад секој успех и секое достигнување на ‘Алкалоид’ стојат луѓето – оние кои ги поставиле темелите, оние кои продолжиле да го градат и оние кои денес ја водат компанијата напред. Особено сум горд на големото семејство на вработени во ‘Алкалоид’, кои и овојпат покажуваат дека припадноста кон компанијата се докажува и преку хуманост, солидарност и подготвеност да се помогне таму каде што е најпотребно. Особено ме радува што годинешната донација е наменета за подобри услови за лекување на најмалите, бидејќи токму тоа е суштината на нашата мисија: здравјето пред сè!“, вели Живко Мукаетов.
