ЕУ ќе забрани социјални мрежи за деца до 13 години – дали и Македонија ќе воведе такви мерки? Експертите укажуваат на потребата од тоа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Да се забранат социјалните медиуми за малолетните деца, ова е одлуката која што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја изнесе на годинешното обраќање во Европскиот парламент за кое што доби огромно одобрување од пратениците. Таа рече дека односот на младите со социјалните мрежи прерасна во сериозен проблем, децата поминуваат 4 до 6 часа дневно пред екраните со што всушност им се одзема нивното детство. Тоа што им е потребно на децата е време да пораснат во самите себе, да разговараат, да ја користат својата имагинација, да формираат мислење, но кога имаат смартфон сето ова престанува, истакна фон дер Лајен.

„Нема социјални медиуми под 13 годишна возраст. Нема лични акаунти под 15 годишна возраст. Тоа значи од 13 до 15 годишна возраст единствено мини акаунти поставени и под супервизија на родителите или старатели со ограничени содржини и рестрикција на време од еден час дневно. Ние не можеме да прифатиме зависни содржини. Не можеме да прифатиме децата да бидат одвлечени во дури поекстремни содржини“, вели Урсула фон дер Лајен.

Дали за ова се размислува да се воведе и во нашата држава, за сега нема таква најава. Сепак голем број експерти велат дека времето поминато пред екраните наместо во дружење со другарчиња или учење значително влијае на психолошкиот развој, на нивната концентрација и на се поголем развој на агресија. Социологот Илија Ацески смета дека ваквата мерка треба да се примени и кај нас.

„Користењето на мрежите на мобилните телефони  посебно многу негативно се одрази кај таа млада популација меѓу 10 и 15 години во смисла на нивното образование, јазично изразување, однесување, социјализација. И затоа таквата мерка би требало да се примени и во Македонија дека децата до 12-13 години да им се забрани користење или под своја контрола на родителите на мобилните телефони“, порача Илија Ацески.

Ацески укажува дека ова многу ќе помогне бидејќи според најновите истражувања децата поминуваат околу 5 до 6 часови во денот на мобилните телефони. Но дали во ова имаат вина и самите родители кои за да ги смират нивните деца им ги даваат телефоните.

„Родителот за да се ослободи некако од грижите барем во некои моменти кога е на пример зафатен со некои свои проблеми едноставно тоа е пристапот. Дајте му го телефонот или ставете го пред телевизор за да час, два – три не бара ништо од вас. И тука родителите, одговорноста  нивна е многу голема во тој поглед. Тие треба да се запрашаат дека тоа е крајно негативно за развојот на сопственото дете“, вели Илија Ацески.

Се поголем број земји веќе воведуваат забрана за користење на мобилни телефони на децата, пред се главно во училиштата како што се Холандија, Италија, Грција Франција и други. Некои од земјите отидоа и чекор понатаму во забрана на социјалните мрежи а прва тоа го воведе Австралија и тоа за деца до 16 години, а такви мерки применија и Португалија и Шпанија.