Движење Беса уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот ќе ги условува со отстранување на 20 отсто како дефиниција за Албанците Од Беса бараат во истата процедура да се направи и оваа измена.
-Нашиот став како Движење Беса е дека 20% треба да се тргнат од Уставот од причина што тоа е навредливо за нас како народ. И од последниот попис излезе резултатот дека сме повеќе и за оваа позиција ќе продолжиме со нашите сили во парламентот да бараме да се отстранат овие 20%. Нашиот став е таков, во моментот кога ќе се отвори Уставот за да ги вклучи Бугарите како уставна категорија, вели потпретседателот на движењето БЕСА, Блерим Сејдиу.
Во меѓувреме, за ова прашање во текот на наредната недела Движење Беса планира следната средба да ја свика во рамките на тркалезната маса на албанските парламентарни партии на која ќе се разговара за процесот на уставни измени, но засега се уште немаат одреден датум за состанокот.
-Тоа е тема за која се разговараше и во минатото претседателство и за која нормално ќе имаме официјален став во наредните денови. Тоа е тема за која имаме наши мислења како политичка партија, но во наредните денови ќе имаме свој официјален став, вели Сејдиу.
Дури и Алијанса за Албанците ќе ги условува уставните измени и се подготвени да седнат на маса со албанските лидери за да разговараат за ова прашање.
-Алијансата за Албанците е посветена и ќе продолжи да се залага и во иднина да го реши и отстрани овој навредлив наратив за Албанците. Ние бевме и сме за соработка со сите политички партии со единствена цел да го решиме овој проблем. В. Д. Претседателот на АА, Арбен Таравари, ги повика сите партии да седнат на маса и ние сме подготвени да седнеме ден поскоро, кога сите ќе бидат подготвени, велат од Алијанса за Албанците.
Во меѓувреме, вчера премиерот Ковачевски не кажа дали ги прифаќа или не барањата на албанските партии за отстранување на 20 отсто од Уставот во моментот кога во него ќе бидат вклучени и Бугарите. Тој додаде дека партиите не треба да ја заборават целта на отворањето на Уставот, односно забрзувањето на патот кон ЕУ. Според првиот човек на
ДУИ, Али Ахмети, 20 отсто во Уставот не влијае на албанската супстанца во Северна Македонија, додавајќи дека отстранувањето ќе биде направено во вистинскиот момент, но без да прецизира кога точно.
