Рама воведува нови правила за државна работа: Без положен национален испит нема вработување во администрацијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Албанија планира да воведе единствен национален испит за сите граѓани кои сакаат да се вработат во државната администрација. Новиот систем, кој го најави премиерот Еди Рама, предвидува кандидатите задолжително да положат испит пред воопшто да добијат право да конкурираат за работно место во државните институции.

Рама денеска на својот профил на Фејсбук објави видео во кое заедно со министерката за јавна администрација и борба против корупцијата, Адеа Пирдени, го претстави механизмот наречен „Скала на заслугите“.

Станува збор за една од трите мерки што албанската влада ги најави на почетокот на септември, со цел да ја подобри довербата на граѓаните во институциите и да воспостави потранспарентен систем за вработување во јавниот сектор.

Според предложените правила, секој кандидат кој сака да работи во државната администрација ќе мора да полага единствен национален испит. Оние што успешно ќе го положат ќе добијат сертификат со важност од четири години.

Сертификатот нема автоматски да значи и вработување, туку ќе биде задолжителен предуслов за конкурирање на огласите во државните институции. По истекот на четиригодишниот период, кандидатите повторно ќе мора да го положат испитот доколку сакаат да продолжат да конкурираат.

Рама порача дека целта на реформата е да се создаде систем во кој знаењето и способностите ќе имаат предност пред личните познанства и влијанија при вработувањето.

„Еден млад човек, каде и да живее во Албанија, не треба да гледа на влезот во администрацијата како на врата за која мора да најде некого што ќе му ја отвори. Тој треба да знае дека постои јасен пат преку кој може да покаже што знае и за што е способен“, изјави Рама.

Според албанскиот премиер, новиот механизам треба да обезбеди еднакви можности за сите кандидати, независно од местото на живеење или нивните лични контакти.

Со предложената реформа, албанската влада настојува да го зајакне принципот на вработување според заслуги и да ја зголеми довербата во постапките за избор на кадри во државната администрација.