2025 низ призмата на економијата: Инфлацијата ја одбележа годината што измина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Борбата со инфлацијата и високите цени, особено во маркетите, ја одбележа цела 2025 година. Годината започна со Новогодишна кошница и административно намалување на цените, но граѓаните не почувствуваа значителна разлика. Паралелно, Владата ги предупреди маркетите да го почитуваат Законот за спречување нефер трговски практики, со контроли од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

И покрај мерките, инфлацијата во јануари и февруари изнесуваше околу пет отсто, најмногу поради поскапувањето на храната. Следуваше бојкот на маркетите по примерот на Хрватска, што привремено го намали прометот, а Владата вината за високите цени ја лоцираше кај трговците. Беа воведени Рамазанска и Велигденска кошница со замрзнување на маржите, а потоа и построги мерки за над 1.000 производи, по сознанија за картелско здружување.

Државниот пазарен инспекторат утврди високи профитни маржи, во просек околу 70 проценти. Во исто време, ССМ побара зголемување на минималната плата, што отвори остар конфликт со Владата. Без мислење од Економско-социјалниот совет, минималната плата беше зголемена за 1.800 денари, по што следуваа протести.

Инфлацијата привремено се намали под три отсто во март и април, но повторно забрза од мај, при што базичната инфлација стана повисока од општата. Како фактори беа посочени и внатрешните притисоци од фискалната политика и зголемената побарувачка. Во текот на годината беше избран и нов гувернер на Народната банка, Трајко Славески, кој презеде мерки кон банките и предупреди против зголемување на минималната плата.

И покрај добрата наплата на почетокот од годината, 2025 заврши со недостиг на буџетски приходи, ребаланс со потценета инфлација и симболични казни за маркетите. Владата најави дека во 2026 година казните за непочитување на Законот за нефер трговски практики ќе се зголемат и до 200.000 евра, но останува да се види дали тоа ќе донесе реален ефект за граѓаните.