23 ревизорски извештаи од минатата година во која се нотирани незаконски трошења на пари на граѓаните се испратени до Обвинителството. Ова го откри главниот државен ревизор Максим Ацевски во емисијата Бизнис 21 за извештајот кој наскоро треба да се објавен.
– За жал има состојби кои се алармантни како ревизорскиот извештај на Агенцијата за управување со одземен имот каде што утврдивме некаде околу 445 милиона неуплатени средства во Буџетот на државата за повеќе години или некаде околу 7 милиона 212 илјади евра, вели главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Вели институциите најчесто не сакаат да постапуваат по препораките на ревизорите. А ревизиите покажале дека граѓаните не добиваат услуги и квалитет на живот за кој плаќаат милијарди евра годишно. Имаме катастрофални состојби во здравството, таму сè е алармантно – додава Ацевски. Две третини од јавните здравствени установи се нефункционални и неодржливи.
–Имаме набавена опрема која стои со години неотпакувана. Жалосна е таквата состојба. Вие да купувате опрема да не направите проценка дали имате просторни услови, дали имате човечки ресурси. Дали таквите човечки ресурси се едуцирани да ја користат таквата опрема и така натаму. Замислете вие купувате авион, а немате пилот, вели главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Прашан дали првата антикорупционерка Татјана Димитровска, осомничена во предметот Адитив трбаше да си поднесе оставка Ацевски изјави:
–Јас силно верувам во презумцијата на невиноста. Се додека судот не го докаже спротивното, јас верувам дека таа е невина, вели главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Ацевски кажа дека таа раководела со ревизорската екипа токму за ЕСМ каде за ревизија на две јавни набавки обвинителството поднело обвинителен акт. Праша, зарем тоа не е доказ за нејзината професионалност?
