Со разговори за наследството од Охридскиот рамковен договор, неговото значење и иднината на општеството во Северна Македонија, денеска во Скопје започна конференцијата „ОРД 25+: Поуки, наследства, хоризонти“.
Конференцијата се одржува на 24 и 25 септември во Лабораториум, по повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Организатор е канцеларијата на Pro Peace во Скопје, во партнерство со Институтот „Макс ван дер Стул“ при Универзитетот на Југоисточна Европа и Претседателскиот центар „Стево Пендаровски“.
На конференцијата учествуваат претставници на академската заедница, институциите, граѓанското општество, културната и уметничката сцена, како и меѓународни експерти. Целта е да се направи осврт на изминатите 25 години, но и да се отвори дијалог за иднината на општеството и можностите за градење поинклузивна, покохезивна и помирољубива држава.
Конференцијата ја отворија директорот на Pro Peace Северна Македонија, Харалд Шенкер, министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати, германската амбасадорка во земјава Петра Дрекслер и проф. Беса Арифи, советничка за заедници и меѓународни односи на Универзитетот на Југоисточна Европа.
Министерот Ферати во обраќањето порача дека разговорот за минатото, особено за најболни периоди, е тежок, но дека ваквите конференции можат да придонесат за дијалог и заедничка визија.
„Ние не сме непријатели; ние се надополнуваме едни со други и заедно можеме да станеме репер за помирување на Западен Балкан“, истакна Ферати.
Амбасадорката Дрекслер оцени дека Охридскиот рамковен договор придонел вооружениот конфликт да се претвори во политички процес и воспоставил механизми за застапеност и учество на заедниците.
„Охридскиот рамковен договор постигна нешто од огромно значење. Тој помогна вооружениот конфликт да се претвори во политички процес и создаде механизми преку кои заедниците можеа да бараат застапеност и учество во рамките на заедничката држава“, рече Дрекслер, додавајќи дека договорот денес претставува и уставно начело.
Проф. Беса Арифи посочи дека договорот го запрел насилството и ги поставил темелите за заеднички живот, но оцени дека неговото ветување за еднаквост сè уште претставува предизвик.
„Кога повеќе граѓани ќе можат да се препознаат себеси во државата, државата станува посилна, а не послаба“, порача Арифи.
Во рамки на програмата беше прикажан документарниот филм „25 кадри“, во продукција на Pro Peace Северна Македонија, по што следуваше панел-дискусијата „Размислувања за 25 години Охридски рамковен договор“.
Панелот го модерираше Борјан Јовановски, а учествуваа поранешниот претседател Стево Пендаровски, постдокторската истражувачка Лура Положани од Центарот за студии на Југоисточна Европа при Универзитетот во Грац и директорката на европските програми на Дојче Веле, Аделхајд Фајлке.
Директорот на Pro Peace Северна Македонија, Харалд Шенкер, по отворањето порача дека целта на конференцијата не е да се создаде една единствена интерпретација на случувањата од 2001 година, туку да се отвори простор за различни перспективи и дијалог.
Според него, младите генерации претставуваат надеж за градење мостови и општество во кое може да постојат повеќе перспективи, со цел Охридскиот рамковен договор да продолжи да биде основа за доверба и еднаква припадност.
