26 лица починаа во Иран од труење со алкохол, меѓу нив и една жена

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Најмалку 26 лица починаа во Иран откако пиеле алкохолни пијалоци кои содржат токсичен метанол во последните денови, објавија државните медиуми.

Официјалната новинска агенција ИРНА објави дека отровниот метанол убива мажи и жени во различни градови и населени места во северните провинции Мазандаран и Гилан и во западната провинција Хамадан.

Труењето со алкохол доведе и до стотици хоспитализации, соопшти ИРНА, без да прецизира од каде потекнуваат отровните алкохолни пијалоци, пренесува Асошиејтед прес.

Консумацијата на алкохол е генерално забранета во Иран откако Исламската револуција во 1979 година ги донесе на власт тврдокорните исламисти.

Многу Иранци купуваат алкохолни пијалоци од шверцери кои ги прават тајно. Некои луѓе исто така прават алкохол дома за лична потрошувачка. Метанолот може да го контаминира традиционално ферментираниот алкохол.

Труењата со алкохол во Иран вртоглаво се зголемија во последниве години, а во 2020 година, токсичниот алкохол уби повеќе од 700 луѓе во земјата.

Увезените и локални алкохолни пијалоци се достапни на црниот пазар во земјата.

Иран има десетици фабрики за алкохол кои произведуваат фармацевтски производи и производи за чистење, според АП.