Оваа учебна година ќе започне со 200 паралелки помалку во основното образование и 100 паралелки помалку во средно. Во 26 села на училиштата ќе им се стави клуч на вратата, бидејќи нема запишани ученици во прво одделение или има мешани паралелки со помалку од 10 ученици. Министерката за образование Весна Јаневска истакна дека ова се прави со цел да им се овозможи на учениците социјализација и да се подобри квалитетот на образованието, да не бидат изолирани во одредена рурална средина, каде што преовладуваат одредени принципи, дури и стереотипи.
„Ако треба, тоа ќе значи дека училиштето се наоѓа на оддалеченост од повеќе од 20 или 15 километри од најблиското училиште, ако патиштата по кои треба да патуваат се несоодветни и непристапни и учениците треба да го поминат целиот ден по пат, тоа не е соодветно за малите деца од прво до петто одделение. Тогаш ќе го примениме ова што го прават и други држави, сепак, ако на 2,5 километри имаме централно училиште каде што учат 200 деца, додека 2,5 километри во другиот правец имаме училиште каде што учат 18 деца, нема логика да ги држиме децата изолирани во тоа училиште“, порача Весна Јаневска.
На прашањето дали учебниците ќе бидат обезбедени навреме, министерката Јаневска уверува дека нема да недостасуваат.
„Книгите веќе се дистрибуирани и се по училиштата. Оваа година го завршивме тоа многу порано пред да започне учебната година. Ова е одговорот, учениците ќе имаат книги“, вели Весна Јаневска.
Министерката информираше дека оваа година се запишани околу 14.500 ученици во прво одделение, додека бројката се очекува да се промени бидејќи уписите продолжуваат и во текот на август и септември. Според Јаневска, бројот е помал од минатата година, иако разликата од над 4.000 ученици, првично евидентирана, сега е намалена.
