Вработени во ЈКП „Тетово“ се жалат дека три месеци не земале плати, а над една година не им се платени придонесите. Поради оваа причина тие денеска не работеа. Тие потсетуваат на ветувањето на градоначалникот Билал Касами дека исплатите ќе се вршат во текот на јануари и февруари, но од тоа нема ништо, дури ни здравствено осигурување.
„Немаме здравствено осигурување скоро 14 месеци, значи од декември 2023 до декември 2024 година, платено е само за декеври 2024 година, значи 11 плус три од оваа година, тоа се 14 месеци. Здравствено осигурување немаме 14 месеци, причината за тоа е не знаеме дали фирмата има приходи или не и не знаеме, градоначалникот и управата на ЈКП бараат сите работници да ја завршат работата, ние 25 работници овде го одржуваме цело Тетово чисто“, вели вработен.

Првиот човек на Синдикатот на работниците на претпријатието, Авзи Ризвани вели дека во секој момент се очекува да се изврши исплата на платите. Според него, имало ветување, но досега не е исполнето.
„Да, точно е, јас сум на страната на оние што ги штитат правата на работниците, се што беше кажано е во ред, така е, добро, но деталите не се прецизни, имавме шест неисплатени плати и на крајот на 2024 година четири плати беа исплатени од средства кои поминаа на општински совет, ни ветија дека до крајот на февруари ќе ги платат придонесите за една година, но сепак се уште не се платени, но постојано сме во разговори за да се постигне тоа“, вели Авзи Ризвани.
Побаравме став и од општина Тетово, но ни рекоа дека поради прогласување национална жалост оваа недела нема да даваат изјави за ниту едно прашање.
Советот на општината изгласа да се доделат 25 милиони денари на ЈКП „Тетово“ за плати и оваа одлука беше донесена, со тоа што општината тогаш вети дека компанијата повеќе нема да се соочува со доцнење на платите.
