Патнички авион со 62 патници и пет членови на екипажот на азербејџанската национална компанија се урна утрово во Казахстан, соопшти тамошното министерство за вонредни состојби. Според досегашните информации, падот го преживеале 32 лица, меѓу кои и две деца. Се верува дека загинале 35 лица.
Авионот на Азербејџан ерлајнс летал од Баку, главниот град на Азербејџан, за Грозни, Русија. Се урна во близина на аеродромот Актау во западен Казахстан, каде што беше пренасочен поради магла.
На социјалните мрежи се појави видео од падот на кое се гледа како авионот се запалил при ударот.
Причината за падот останува непозната, но руската агенција за контрола на летање соопшти дека прелиминарните информации укажуваат дека пилотот решил принудно да слета откако авионот удрил во јато птици.