За само 24 часа спласна оптимизмот дека брзо ќе се исправи грешката со воведувањето на 33 отсто царини за македонските производи од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп. Премиерот Христијан Мицкоски за вчера, најдоцна за денеска најави решавање на проблемот.
„На дневна основа работат тимови, телефонски се слушаме и разговараме. Очекувам многу скоро, можеби и денеска, убава вест за македонските граѓани и македонската економија“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Најави вчера Мицкоски. Но, тоа не се случи.
„Не. Сè уште“, вели Мицкоски,
Мицкоски кажа и дека додека се не биде готово, не може да се објави за што се преговара со Вашингтон. А дека процесот може да се одолговлекува покажува и податокот дека во моментов над 50 земји од светот бараат директни преговори за да им се намалат царините од страна на САД. Денеска прв кој ќе побара решение е израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кој на средба со Трамп ќе се обиде да ги намали 17 отсто царина кои беа воведени за оваа земја која важи за најблизок воен и политички сојузник на САД.
Мицкоски пак вели дека директните последици од овие царини нема да бидат големи.
„А што се однесува до кој дел од економијата ќе биде погоден, можам да ви кажам дека секундарните ефекти можеби ќе бидат поголеми односно, доколку, речеме, земјите од Европската Унија не успеат да го надминат сето ова со САД. Тогаш ефектите би биле многу поголеми, отколку сега примарните ефекти кои што ние ги имаме директно на билатерално ниво со САД“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
За илустрација, македонскиот извоз во САД е околу 1,5 отсто, а во ЕУ над 70 отсто од вкупниот извоз на државава.
А меѓународните компании кои се во Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ), се во сериозен грч поради американските царини. Засега само една компанија, АПТИВ најави заминување, а другите чекаат да видат што ќе се случува, пред се на релација ЕУ – САД.
„Со најголем дел комуницирам секојдневно и сите се, како да кажам во една ситуација на исчекување. Очекуваат да има последици. Меѓутоа, секоја мултинационална компанија работи што помали последици да има во неговото работење. Така да ќе мора да почекаме да ја видиме барем првава половина од 2025 како ќе поминат“, изјави Гоце Димовски, директор на ТИРЗ.
Инаку, Европската Унија како и поголемиот дел од светот, освен Кина, сè уште одмеруваат со кави мерки да одговорат на царините. ЕУ во среда ќе излезе со став и се мисли дали да оди со остри контра – мерки или да даде време за преговори, додека единствена земја која веднаш одговори со драстични мерки беше Кина која воведе реципрочни царини од 34 отсто и забрани извоз на одредени стоки и услуги.
Денеска азиските и европските берзи тргувањето го отворија со остар пад на вредноста на акциите и на индексите.
