Бројот на заболени од Западнонилска треска достигна 38. Властите велат дека од нив 37 се од скопскиот регион, а само еден заразен е од Велес. Сите се наоѓаат на Клиниката за инфективни болести во Скопје, од кои двајца се третираат како сомнителни случаи, додека кај други 36 пациенти е утврдена невроинвазивна форма. Министерот за здравство Сашо Клековски изјави дека од нив 28 се мажи, а 10 жени, но последната недела била фатална за тројца пациенти, со што бројот на починати од Западнонилска треска се искачи на четири.
„Само во последната недела, меѓу двете просечни вредности што ги објавува Институтот за јавно здравје во извештаите за Западнонилската треска, имаме 12 нови случаи, а во овој период имаше три нови смртни случаи… Од невроинвазивните форми, кои се 1 процент од вкупно заболените, ако зборуваме за 38 случаи, може да се помножи со 100 за да се утврди реалниот број на заразени. Сепак, 80 проценти од заразените се без никакви манифестирани симптоми или без здравствени последици“, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.
По прогласувањето епидемија на Западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел, се преземаат мерки. Министерот Клековски рече дека продолжуваат засилените активности за заштита на населението во општините погодени од зголеменото присуство на инфекцијата. Тој рече дека се извршени авионски и копнени дезинсекции во најпогодените општини, како Гази Баба, Кисела Вода во населбата Драчево, Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Чучер Сандево и Велес.
„Општина Илинден е за пофалба за преземањето мерки, имаше три прскања против ларви и три прскања против возрасни комарци, но сепак има три случаи на заразување. Додека Студеничани, која не презела никакви дополнителни мерки освен прскањето на Град Скопје, има помалку случаи од Илинден“, вели министерот за здравство, Сашо Клековски.
Со цел граѓаните од погодените подрачја навреме да добиваат совети за лична заштита од убоди од комарци, се спроведува масовна СМС-кампања за информирање на населението.
Кампањата опфаќа испраќање вкупно околу 38.500 пораки до граѓаните во погодените општини.
Властите апелираат да се отстранат застојаните води од дворовите и редовно да се чистат олуците, како и да се постават заштитни мрежи на прозорците и вратите.
Се препорачува да се избегнува престој на отворено во зори и самрак, кога комарците се најактивни. Да се носи облека со долги ракави и долги панталони и да се користат репеленти.
