Македонија и Црна Гора ќе се поврзат со авионска линија, со директен лет од Скопје до Подгорица и обратно. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски кој е во официјална посета на Црна Гора.
Како што вели тој, на средбата со црногорскиот државен врв било разговарано на оваа тема и наскоро ќе биде потпишан договор. Како што изјави Никoлоски со изградбата на автопатот Скопје-Блаце ќе значи отворање на Македонија кон трето пристаништо, она во Бар, а во моментов се гради автопатско и железничко поврзување со пристаништо во Драч.
Николоски во Подгорица имал средби со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, вицепремиерот за европски и надоврешни работи, Филип Ивановиќ, како и со министерот за транспорт, Радош Зечевиќ.
„Исто така, зборувавме и за авионското поврзување и очекувам во многу кратко време да се потпише договор којшто ќе значи директен лет помеѓу Скопје и Подгорица, со што ќе имаме уште еден главен град со којшто сме поврзани. Тоа многу ќе помогне за развојот на туризмот, но исто така и за развојот на бизнисот и конекцијата помеѓу двете држави. Аеродромите и во Скопје и во Подгорица растат и ова е добар начин да продолжиме да соработуваме и да продолжат да растат двата аеродроми“, изјави вицепремиерот Николоски.
