4 месеци без плата и работа во мизерни услови – вработените во ЈКП „Тетово“ протестираат и не го собираат отпадот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е Куртиш Имери, кој седум години е вработен во Јавното претпријатие „Тетово“. Пред неколку месеци донел одлука да работи во оваа фирма, додека на 5 октомври при собирање смет си отсекол два прста, а сега е принуден приватно да го плати лекувањето.

„Се повредив на работа и се уште немам добиено ништо. И јас како сите вработени не добив 9, 10 и 11. Пак сме без плата и кога одам во болница, се плаќам приватно, сум бил три-четири пати во Скопје се платив приватно, се задолжив и платив“, вели Куртиш Имери.

-Како си ги отсече прстите?

„Кај камионот, решетките, му кажав на возачот да не ги допира, тој ги допре и ми ги отсече прстите“.

Куртиш заедно со другите вработени во комунална хигиена денеска одлучија да не го собираат сметот во градот бидејќи не им се исплатени три плати.

„Трет месец не сум земал и четири месеци немаат добиено, немаме ништо против, ги бараме платите“.

„Немаме три месеци плата, немаме осигурување, како се снаоѓаме, гледате, сите отидоа, платите ни се на дното од бунарот“.

„За платите, дека цените се зголемуваат, платите се исти, сите знаеме како се. Минатиот месец 2.500 денари помалку пари, на тоа и  100 денари помалку, што е работата, не знам , никој не ни кажал казнети сте, тие овластувања ги има  дисциплинската комисија, не ти да го казниш. не знам за што“.

Условите во ова претпријатие се приказна сама по себе!

„Седиме овде, овде се соблекуваме, овде се облекуваме, парното не работи како што треба, собите се катастрофа, ова не е во ред, ниту платите, ниту осигурувањето, не знаеме каде да се свртиме, вие самите ги видовте другите соби, срамота е, секогаш вака ќе протестираме, ред мора да има еднаш засекогаш!“

„Четири месеци без плата, има ли трошоци дома, вода, струја, се, нема ни решение, велат ќе пуштат, ќе пуштат, ама тешко…“

„11 илјади, што ќе правам со 11 илјади, брашно, кирија, што ќе правам, 10, 11 и 12 каде се тие пари?! Никаде ги нема, брат!“

Самиот градоначалник на Тетово на 21 јануари ги посети овие вработени, по што преку објава рече дека е згрозен од глетката и вети дека ќе ги подобри условите!

„Оставајќи ги со години во заборав, во услови во кои само тие знаеја како работат, вчера одржав средба со работниците од „Комунална хигиена“. Се згрозив од тамошните глетки. Кал и катастрофални канцеларии. Застарена облека и минимална плата. Итниот повик е сега. Нивната грижа за градот мора да биде наградена“, вели Биљал Касами.

Касами го прашавме за условите и ветувањата…

„За условите се бара нешто поголема инвестиција, а во составувањето на физибилити за приватно-јавно партнерство имаме сериозни компании кои влегуваат во делот со управување со отпад“, додава Касами.

Советот на општината пред една недела додели 25 милиони денари за вработените на договор на дело да земат плата, но овие вработени се уште немаат земено плата, додека Касами се правда дека процедурите се бавни.

„Станува збор за административни доцнења бидејќи општината работи со трезор и доцнењето на исплатите на дел од вработените се поради доцнење во трезорот“, порача Касами.

Ова не е прв пат на овие вработени да не им се исплати навреме плата. Овој проблем постоел речиси за време на мандатот на секој градоначалник. Комуналното јавно претпријатие е единственото претпријатие кое го зголемило својот долг во текот на оваа година откако на чело на општината е Биљал Касами.