Субхи Јакупи, е избран за претседател на Управниот суд

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изборот на новиот претседател на Управниот суд помина со поддршка од мнозинството членови на Судскиот совет, но не и без забелешки. Судијата во Вишиот управен суд, Субхи Јакупи, ја доби функцијата, додека членката на Советот Сузана Јошевска се изјасни против неговиот избор, посочувајќи го неговото пократко судиско искуство во споредба со останатите кандидати.

Мнозинството членови на Судскиот совет ја поддржале кандидатурата на Јакупи, оценувајќи дека неговата програма, професионалното искуство и познавањето на управното судство се меѓу клучните предности поради кои се издвоил во постапката.

Во текот на расправата биле истакнати и неговите раководни способности, како и искуството што го стекнал работејќи во Вишиот управен суд.

Сузана Јошевска, пак, била единствената што гласала против изборот. Според неа, Јакупи имал најмал судиски стаж од пријавените кандидати, а бил и единствениот кој немал претходно судиско искуство во Управниот суд, со кој сега треба да раководи.

Јошевска имала забелешки и на неговата програма, оценувајќи дека таа содржи поставени цели, но тие не се доволно конкретно и детално разработени.

За функцијата претседател на Управниот суд конкурирале четворица кандидати. Покрај избраниот Јакупи, кој има седум години судиски стаж во Вишиот управен суд, пријавени биле и Ѓоко Живковски, судија во Управниот суд со 12 години стаж, Едита Наскова, судијка во Вишиот управен суд со 14 години стаж, и Газменд Фејзули, судија во Управниот суд со 18 години стаж.

Јакупи во Вишиот управен суд е избран во 2018 година, а пред судиската функција беше познат и како член на Државната изборна комисија. Неговото име се најде во јавноста во 2017 година, кога беше обелоденето дека членови на тогашниот состав на ДИК си поделиле дополнителни надоместоци за ангажманот за локалните избори.

Информацијата ја објави тогашниот американски амбасадор Џес Бејли. По реакциите во јавноста, осум членови на ДИК, меѓу кои и Јакупи, поднесоа оставки од функциите, образложувајќи ги со лични причини.

Пред да стане судија, Јакупи ја извршувал и функцијата заменик-министер за правда од редовите на ДУИ.

Со новиот избор, Јакупи ќе го преземе раководењето со Управниот суд, а неговата програма и најавените цели ќе бидат основа за следење на идното функционирање на институцијата.