Вкупно 4 милиони евра долг акумулиран со години има општина Сарај кон компаниите што делувале на нејзина територија, откри градоначалникот Мухамед Елмази. Според него, долг имаат и основните училишта — околу 198 илјади евра. Јавното претпријатие за Управување со Јавното Осветлување има долг од околу 127 илјади евра.
„Од податоците што произлегоа од денешниот ден можеме слободно да кажеме дека долгот на општина Сарај, зборувам како општина според новите ажурирани податоци, е 3 милиони евра. Долгот на Јавното претпријатие ‘Комунална Хигиена’ во рамки на општина Сарај е 425 илјади евра. Долгот што го има градинката ‘Филизи’ во рамки на општина Сарај е 230.700 евра“, изјави Мухамед Елмази, градоначалник на општина Сарај.
Според внатрешните анализи на општината што ги презентираше Елмази, имало договори за вработување на лица кои не се појавувале на работа, а земале плата. Тој додаде дека истите, по промената на општинското раководство, сами поднеле оставки.
„Затекнавме вработени во рамки на општина Сарај со по две работни места, затекнавме договори кои во актуелната систематизација на општина Сарај не постоеле — го спомнав тоа и порано кога го презентирав текстот пред вас — затекнавме договори за кои никогаш немало ни појава во објектот на општина Сарај, и поголемиот дел од нив уште првиот ден сами дојдоа и поднесоа оставка“, изјави Мухамед Елмази, градоначалник на општина Сарај.
Елмази се пожали дека долговите ја држеле општината блокирана откако го презел мандатот, бидејќи извршителите биле активни. Тој гарантира дека општината ќе излезе од блокадата и ќе функционира нормално.
