5 дена чекање за ПЦР тест, граѓаните се тестираат приватно – Чолакова: Не треба да му се придава важност на тестирањето

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните кои имаат симптоми на коронавирус, треба да чекаат до 5 дена за матичниот лекар да им закаже термин за тестирање. Проблемот настанува поради тоа што системот „Мој Термин“ нема слободни термини за оваа услуга, па така, додека да стигнат до тестирање, може да им помине инфекцијата.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, Лилија Чолакова-Дервишова, за ТВ21 вели дека понекогаш се случува заразените да се тестираат последните денови од вирусот, па доколку излезат позитивни, треба да останат во изолација уште 7 дена.

Лекарката Чолакова смета дека не треба да му се придава важност на тестирањето и бројот на позитивните ковид-случаи, бидејќи повеќето се со симптоми на настинка.

Но, така не мислат претставниците на Комисијата за заразни болести. Доктор Злате Мехмедовиќ, вели дека треба да се зголеми капацитетот на ПЦР тестирања и дека Министерството за здравство треба да обезбеди повеќе тестови за откривање на Ковид-19.

Поради недостиг на тестови во јавниот сектор, граѓаните се тестираат приватно каде за еден тест плаќаат најмалку 1.500 денари или пак купуваат брзи тестови од аптеки, за кои лекарите велат дека не се веродостојни. Министерот за здравство, Беким Сали, не најавува набавка на повеќе тестови, само вели дека ќе се сретне со сопствениците на приватните лаборатории за да ги убеди да ја намалат цената на тестовите.