Фон дер Лајен: Снимките од погребот на Ратко Младиќ беа шокантни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го осуди присуството на високи српски функционери на погребот на Ратко Младиќ, кој беше осуден за геноцид и воени злосторства.

„Снимките од вчерашниот погреб на Ратко Младиќ во Белград беа шокантни. Ратко Младиќ беше осуден воен злосторник. Тој беше одговорен за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото. Почина додека ја издржуваше доживотната затворска казна за геноцидот во Сребреница и други злосторства“, напиша фон дер Лајен на X.

Таа оцени дека елементите на официјалната поддршка и присуството на неколку високи српски функционери на погребот се „длабоко за жалење“.

„Според неа, тие покажуваат неуспех во соочувањето со мрачната глава од поновата европска историја и се во спротивност со вредностите врз кои се заснова патот на Србија кон Европската Унија.“

„Нашите мисли се со сите жртви на злосторствата извршени на територијата на поранешна Југославија“, нагласи фон дер Лајен.

Ратко Младиќ, поранешен командант на Армијата на Република Српска, почина во Хаг, додека ја издржуваше доживотната затворска казна за геноцид и воени злосторства. На неговиот погреб, верската служба ја предводеше српскиот патријарх Порфириј, заедно со епископи на Српската православна црква.

Меѓу лицата кои присуствуваа за да му оддадат почит на Младиќ беа српски министри, лидерот на владејачката коалиција во Република Српска, Милорад Додик, Данило Вучиќ, синот на претседателот на Србија, како и рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко.