50 активни предмети за висока корупција – Владата основа Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата го основа Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, при што во моментов се активни 50 предмети за висок корупциски криминал. Претставниците на извршната власт истакнаа дека, за оваа борба да биде успешна, потребно е зајакнување на судството и обвинителството, во институционален аспект, како независни и неселективни.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека државата конечно ќе застане цврсто, без компромис, против криминалот и корупцијата. Тој нагласи дека борбата против корупцијата и криминалот ќе се подигне на повисоко ниво и ќе заврши со конфискација на нелегално стекнатиот имот, бидејќи криминалот не смее да се наградува.

„Оваа влада ја започна борбата против криминалот и корупцијата не со декларации, туку со дела. Во моментов се разгледуваат повеќе од педесет предмети за висока корупција. Случаи кои со години биле криени, одолговлекувани или игнорирани. Но ова не е крај, туку почеток! Очекуваме отворање на нови случаи, продлабочени истраги и резултати кои ќе ја вратат довербата на граѓаните во државата и во институциите. Сакам јасно и гласно да кажам: нема селективна правда, нема заштитени, нема недопирливи.“, изјави Мицкоски.

Задачата на Советот ќе биде да функционира како надзорен механизам во рамки на извршната власт, преку институциите со законски надлежности и одговорности, со цел проверка на потеклото на имотот и детектирање на незаконско стекнат имот кој произлегува од организиран криминал и висока јавна корупција.

Овој Совет ќе го предводи вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кој изјави дека тие имаат клучна улога во координацијата, надзорот и стратешкото насочување на сите овие истражни процеси.

„Поставени се соодветните темели, но следната фаза бара политичка волја, повеќе финансиски инвестиции и поголема координација. Токму поради тие причини е основан овој совет. Неговата улога не е да ги замени оперативните институции, туку да обезбеди тие институции да дејствуваат во таа насока со јасно утврдени цели и мерлива одговорност. Овој Национален совет има многу важна одговорност да обезбеди силна политичка поддршка и отчетност.“, кажа Фетаи.

Формирањето на овој совет беше почнато во септември 2025 година со одлука на Владата, со цел утврдување на политичката насока и воспоставување меѓуинституционална соработка таму каде што спроведувањето било фрагментирано.

На владината седница беше изготвена Националната стратегија за зајакнување на капацитетите за спроведување на финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028 и Акцискиот план 2025–2026, кои, како што се наведува, се во согласност со европските стандарди и претставуваат еден од клучните услови за интеграција во Европската Унија.