Зборувајќи за состојбите со минималната плата, премиерот Христијан Мицкоски во вчерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, нагласи дека тој би сакал не 600, туку 1000 евра минималец, но за тоа треба соодветно планирање и стабилност.
„Не шесто, илјада. Јас сакам илјада. Еве, во Црна Гора премиерот таму излезе на прес, вели од 1 јануари 2027, 1000 – 1250…ќе биде минималецот. И, се крена бизнис заедницата и вика – чекај, како, кажи ја формулата, како ќе го направиме ова?“
Според премиерот, на земјата не и треба егзибиционизам, туку политика на стабилност. Тој нагласи дека земјава има најдобри економски резултати во регионот и дека во неа се живее подобро од пред три години, а ќе се живее уште подобро во иднина.
„Нам не нѝ треба политика на егзибиционизам, туку нѝ треба политика на стабилност, а таа политика на стабилност се овие резултати. Во моментот, му се допаѓале некому или не, се најдобри во регионот убедливо и, според споредбите, најдобри во Европа. Дали тоа ги решава сите проблеми? Не ги решава. Има многу проблеми што ќе ги решаваме допрва. Но, дали подобро се живее денес? Јас тоа го повторувам честопати, од пред три години – апсолутно се живее подобро. Дали подобро ќе се живее за три години од денес? Јас ви гарантирам дека ќе се живее подобро“, оцени Мицкоски.
