50 години никако да добие македонско државјанство – Според МВР, Реџеп Велиу од Сингелиќ е опасен за државата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Вели дека воен рок служел со македонска лична карта кога државата била дел од Федеративната Република Југославија. Но, сега никако не може да се стекне со македонско државјанство. Реџеп Велиу од Сингелиќ, Скопје, иако трипати аплицирал за државјанство, досега не успеал да го добие овој документ.


-Дали прашавте какви услови се бараат?
-Сѐ што побараа, доставивме. Сите документи. Барај, барај, некогаш и ние, и тие се изморувавме. Потребен е еден документ дека 15 години живееш тука, 40 години поднесувавме документи и повторно ништо…, вели Велиу.

Последниот негативен одговор за државјанство го добил пред 11 дена.


-Го прашав вработениот на шалтер, зошто сум одбиен. Ми рече дека не ги исполнувам условите. Нема недела дена како ме одбија. Му реков дека ги донесов сите документи што ми ги побараа, но тој ми рече – не, не ги исполнувате условите. Нема друго што да правиш таму, освен да се караш, рече Велиу.

Велиу има 11 години стаж во Македонија во градежна компанија. Неговата сопруга е од Македонија со која има и деца. Сите имаат државјанство, освен него.


-Не можам да одам на лекар, никаде. Тука не сум слободен, треба да одам во полиција да се пријавувам, кажа Велиу.

Во прибирање на целата потребна документација му помага неговиот пријател Муртез Реџепи. Тој ни раскажа што се случило кога аплицирале за државјанство во 1997 година.


-За државјанство 250 долари. Излеговме, побаравме и ги собравме парите. Кога отидовме ни рекоа дека сме задоцниле. Ни ги вратија документите и ни рекоа дека немаме право веќе. Еве го документот. Над 20 се. Какви сѐ не документи бараа, и за татко му кој почина тука, и за мајка му, извод на венчани, неговата сопруга е од тука, вели Реџепи.

Реџеп Велиу живее во Сингелиќ, плаќа данок, но сепак веќе 50 години не поседува државјанство. И покрај тоа што не добил конкретен одговор – зошто е одбиено неговото барање, во образложението на МВР, објаснето преку членови и ставови, пишува дека тој е „опасен за државата“.