Понудата за минимална плата од 500 евра, но да има намалени социјални придонеси за тие што имаат повисоки плати, предложена од Стопанската комора на северозападна Македонија, за Владата е работа на договор меѓу социјалните партнери кои се дел од Економско социјалниот совет. Денеска за ТВ21 од владата на оваа понуда одговорија дека секоја одлука што ќе ја донесат ќе биде со консензус.
„Ве информираме дека Владата ќе прифати сè што меѓусебе ќе го договорат синдикатите, стопанствениците, работодавачите и работниците“, велат од Влада
Инаку, од Комората на северозападна Македонија понудија минималната плата да биде 500 евра, но за возврат да се намалат социјалните придонеси од 47,7 отсто на 32 и да се примени моделот од Словенија.
„Што повеќе плата даваш, повеќе придонеси. Значи на илјада евра се плаќа 52 посто, не се плаќа 47 посто, за минималната се плаќа 47,5 , за повисока плата, значи на 1.000 евра 52 посто. Ние земаме пример од Словенија каде што е 42%, каде што е повисока плата оди надолу, значи од 42 на 41 и така натаму… “, вели Менди Ќура.
Но, според економистите ова тешко дека ќе се прифати. Лицата со повисоки плати ќе плаќаат помалку кон државата. Предлогот кој според економистот Никола Поповски не е добро објаснет, бидејќи не се знае што точно би се кратело кај социјалните придонеси, кои би требало да се намалат од 15 до 20 процентни поени или над 40 отсто, значи добро само за фирмите.
„Со неа би добиле само компаниите кои имаат помал даночен товар, автоматски тоа ќе значи за нив поголема стапка на добивка или поголем профит. А од друга страна ќе изгубат вработените,д иректно затоа што пензиските основици ќе им бидат пониски, еден ден кога ќе одат во пензија, помала пензија. Па ќе изгубат директно и заради тоа што ќе имаат помалку средства и во здравствениот фонд, кој е за нив наменен. Значи, тешко ќе биде и финансирањето на нивната здравствена заштита.“, вели Никола Поповски.
Инаку, при споредбата со Словенија, Ќура изостави да спомене дека во оваа држава има прогресивно оданочување на приходите, односно оние кои имаат повисоки приходи, плаќаат далеку повисоки даноци од посиромашните граѓани.


