60 дена рок да се отстранат камп-куќичките – „Ќе ги донесеме пред Владата и зградата на општината“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Овие граѓани го минуваат последниот викенд во камп-куќичките.
Општина Сарај донесе одлука тие да се отстранат од езерото Треска. Сопствениците на камповите велат дека не се запознаени со одлуката.

Камперите додаваат дека ќе се обратат и до надлежните власти на Град Скопје и дека ќе излезат на протест пред Владата и општината каде ќе ги постават нивните камп-куќички.

Општина Сарај по писмен пат извести дека камперите имаат рок од 60 дена да ги отстранат нивните кампови. А зошто е донесена ваква одлука, објаснуваат во соопштението:

-Оваа одлука уследи затоа што Инспекторатот за животна средина утврди дека поради тоа што има огромно загадување на воздухот, нечистотија, застарена електрична инсталација, нефункционален водоводот и канализација, како и уништена инфраструктура, постои голем ризик по здравјето на луѓето. Поради тоа е потребно итно да се дислоцираат камп-куќичките од овој локалитет-велат од Општина Сарај.

Сопствениците велат дека инвестирале во нивните кампови и биле редовни плаќачи на киријата, која на годишно ниво изнесувала 200 евра.

Инаку, како што објаснуваат од општина Сарај, Советот на општината усвоил одлука за промена на Урбанистичкиот план на езерото Треска, со која се бара Министерството за економија да го прогласи езерото Треска за туристичка развојна зона.