65 милиони евра за 77 општини – пари нема за Град Скопје, Струмица, Теарце и Сарај

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со 65 милиони евра од унгарскиот заем ќе се реализираат 274 проекти во вкупно 77 општини. Од списокот на општини недостасуваат четири кои ги предводи опозицијата. Премиерот Христијан Мицкоски информира дека Струмица била одбиена зашто конкурирала со проект што веќе бил тендериран. Зелено светло нема ниту Град Скопје. Според Мицкоски, тие имале некомплетни проекти за набавка на автобуси, но додаде дека Скопје и онака има средства од Владата кои две години не ги реазлизира – околу десет милиони евра за патот Хасан Приштина.

„Понатаму, Општина Теарце којашто поднесе проекти преку приватна мејл адреса. Еве го повикувам градоначалникот да постапи како и сите други 79 градоначалници, има начин како сето тоа се прави. Имаме некомплетна документација од Општина Сарај и очекувам до 10-ти, 15-ти ноември и ова да биде отстрането.“, вели Христијан Мицкоски.

Во првиот повик беа предвидени 100 милиони евра за општините. Најмногу средства, 240 милиони денари, доби Куманово за изградба на индустриската зона. Вториот повик ќе биде објавен во јануари, но опозицијата негодува за малиот износ што сега бил распределен.

„Она коешто го гледаме во овој момент и после онаа одлука на Владата за распределба на средства за општините од унгарскиот кредит, гледаме голема лага. Односно, им се поделени само 65 милиони евра на општините за реализација на проекти со коишто аплицираа на повикот од власта.“, вели Миле Талески.

Инаку, договорите со општините се очекува да бидат потпишани следната недела. Од Министерството за финансии информираат дека утре парите од унгарскиот заем ќе се најдат на сметката на државниот буџет. Во меѓувреме, веќе е почната процедура за повлекување на уште 500 милиони евра од унгарската милијарда, кои ќе се искористат да се отплати еврообврзница во јануари.