Во време на создавање на негативна енергија во општеството, Врховниот суд и сега кога е најпотребно ќе го даде својот придонес во јакнење на правната сигурност, безбедноста и стабилноста на државата, изјави денеска претседателката на Врховниот суд Лидија Неделкова на 70 годишнината од формирањето на судот
„Затоа во нашите заложби бараме поддршка од јавното мнение за запирање на јавната хајка против македонското судство кое што се претставува со искривена слика во јавноста. Тоа навистина има слабости и пропусти но сепак не треба да заборавиме дека судството е столб на државната конструкција. Затоа да не се даваат паушални критики, клевети, да не го уриваме судскиот систем“
Таа упати апел, јавноста да се воздржи од паушални, неодмерени и деструктивни критики и наместо, тоа со добра мисла да придонесе за независно судство.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски оцени дека живееме во турбулентен период во кој, како што рече, за жал, се случува организирано создавање недоверба во сите институции, особено во судската власт. Според него, сите три власти мора да работат во корист на граѓаните а не во корист на парцијални интереси зад кои стојат тесни кругови
„Меѓутоа уривањето на довербата во институциите а посебно во судската власт, како што беше онаа несреќна изјава на партиски лидер дека не го признава судот претставува свесно уривање на столбовите на демократска Македонија. Последното е дотолку поважно што таквиот однос кон судската власт, убеден сум дека не е во корист ниту на оние кои ја создаваат ваквата антидемократска атмосфера.
За судијата Јово Вангеловски, поранешен претседател на Врховниот суд судовите треба да ја прифатат секоја добронамерна критика.
„На критиките се одговара со исправни судски одлуки и со добра судска пракса. Не би се согласил дека медиумите вршат притисок врз судската власт. Медиумите се тие кои што ја следат работата на судската власт и судовите. И треба да ја следат. А судовите се тие што секоја добронамерна критика можат да ја прифатат“.
Седумдесет години после формирањето, Врховниот суд денес има 25 судии поделени во четири одделенија: казнено, граѓанско, оддел за судење во разумен рок и оддел за судска пракса.
